Сигурно не може да се каже дека на пазарот ни фалат интернет прелистувачи, но и покрај тоа изборот за корисниците кои бараат нешто посебно, не е баш лесен.
Еден од најголемите проблеми е да се најде брз и приватен прелистувач, а не ретко излегуваат сомнителни информации за тие кои сме верувале дека ги исполнуваат тие услови.
Helium е уште еден прелистувач кој својата главна „продажна“ точка ја темели на тврдењата за приватност и брзина на работа.
За брзината можеме да верува дека е така, поради тоа што Helium е направен на основа на Chromium, но тука веднаш се поставува прашањето за приватноста.
Тоа прашање е „решено“ со фактот што прелистувачот е целосно „ослободен“ од Google, односно е направен на основа на познатиот „ungoogled – chromium“ код, што кратко кажано значи дека доаѓа без деловите кои комуницираат директно со сервисите од оваа компанија.
Дополнително, Helium доаѓа со uBlock Origin, целосната верзија која може да функционира поради поддршката за Manifest V2 верзијата која престана да функционира на Google Chrome.
Од Helium нагласуваат дека ќе ја овозможат оваа поддршка се додека тоа е возможно.
Со оглед на Chromium основата, очекувана е поддршката за додатоците од Chrome Web Store, но од Helium повторно нагласуваат дека комуникацијата со серверите оди преку нивниот сервис, па Google нема пристап до „статистиките“.
Како дел од Helium нема поддршка за чување на лозинки, а и ова се промовира како безбедносна одлука. Исто така нема синхронизирање со „облакот“, па иако и ова е поради приватност и безбедност, за некои корисници тоа може да е проблем.
Helium нема поддршка ниту за DRM содржина, што значи дека преку него не може да се користат стриминг сервисите како Netflix.
Windows верзијата засега нема поддршка за автоматски надградби преку прелистувачот, па корисниците ќе мораат да ја симнуваат најновата датотека секогаш кога е достапна. Ова не е случајот со macOS и Linux.
Helium прелистувачот е направен од група на програмери, моментално не се организирани преку компанија, а можете да го симнете за да го пробате преку нивната веб страна тука, како и преку GitHub каде што треба да е достапен целиот код.
За Helium се истакнува дека е едноставен, нема да се обидува да им го привлекува вниманието на корисниците со промоција на некои производи, а добро е што никаде не се спомнува вештачка интелигенција.












































