Дечките кои стојат зад една од најпопуларните апликации за временска прогноза на iOS, Dark Sky, која Apple ја купи во 2020 година, се враќаат на пазарот со нов производ.
Адам Гросман, Џош Рејес и Ден Абрутин ја претставија Acme Weather, нова апликација за временска прогноза за iOS, со најава дека е во развој и верзија за Android.
Овој потег доаѓа откако креаторите претходно работеа на развојот на системот WeatherKit во рамките на Apple, пред да одлучат повторно да започнат сопствен проект независен од Apple.
Главната разлика помеѓу Acme Weather и стандардните апликации за временска прогноза е начинот на кој се прикажува сигурноста на метеоролошките податоци. Наместо да нуди само едно предвидување кое може да се покаже како погрешно, апликацијата користи графички прикази за да ги визуализира алтернативните сценарија.
Доколку различните метеоролошки модели не се согласуваат околу тоа дали ќе врне дожд или снег, корисникот директно го гледа тој конфликт во самата прогноза. Овој пристап има за цел да понуди потранспарентен и пореален приказ на нестабилноста на временските услови.

За да ја постигне оваа функционалност, тимот има изградено сопствена инфраструктура за метеоролошки податоци, избегнувајќи зависност од надворешни. Acme Weather ги комбинира податоците од повеќе дигитални модели за предвидување, сателитски снимки, радарски информации и мерења од копнени станици. Апликацијата содржи детални мапи кои прикажуваат радарски снимки, удари од гром, акумулација на дожд и снег, брзина на ветерот и квалитет на воздухот.
Покрај стандардните предупредувања за лоши временски услови, апликацијата има посебен оддел наречен Acme Labs, наменет за експериментални функции. Овде се вклучени известувања за појава на виножито или за идеални услови за набљудување на зајдисонцето.
Дополнително, имплементирана е функција преку која самите корисници можат да споделуваат информации за моменталните временски услови на нивната локација, помагајќи во точноста на податоците во реално време.
Acme Weather е достапна преку годишна претплата која изнесува 25 долари, а корисниците имаат можност бесплатно да ја тестираат во период од две недели.
За жал, апликацијата засега не е достапна во Македонија, а не сум сигурен дали е таков планот или само нешто што е поради тоа што апликацијата беше неодамна пуштена.











































