The-VR-Cinema-Opening-Amsterdam-13

Ете драги мои вљубеници во технологијата, дојде времето и кога едно од најсоцијалните искуства кои може да се имаат – гледањето филм во кино, се претвора во најнесоцијалното искуство. Во Амстердам се отвори првото VR кино, во кое посетителите се апсолутно изолирани од околината, односно од останатите посетители, бидејќи филмовите се гледаат на Samsung Gear VR очила.

VR киното е многу слично на „тивките диско клубови“, каде посетителите слушаат музика на слушалки. Сепак, таму идејата е токму социјализација – се пуштаат неколку различни канали на музика и слушалките светат со соодветната боја, па многу е лесно да најдете некој што ја слуша вашата музика и да играте со него.

Во VR киното, идејата е токму спротивна – вие и виртуелниот филм. Може до утре да расправаме која е поентата на вакво кино, кога на овие уреди може да гледате филм и дома, но ете, постои. И сигурно нема да биде последното.

Киното инаку е целосно опремено за квалитетно гледање на VR филмови. Секој посетител ќе биде сместен во столче кое ќе може да се ротира за 360 степени, што е од особена важност за гледањето на вакви видеа – ќе сакате цело време да се вртите за да не пропуштите некој детал од филмот.

The-VR-Cinema-Opening-Amsterdam-10

Филмовите ќе траат инаку 30 минути, додека картата ќе чини 12,5 евра, што реално не е малку за толку краток филм, но со оглед на тоа каде е отворено киното (кхм, кофи шоп, кхм), сигурно ќе има многу посетители кои ќе сакаат малку да запливаат во водите на виртуелната реалност.

За оние кои ги интересира техниката, Samsung Gear VR уредите се опремени со Galaxy S6 смартфон, додека за звукот се задолжени супер квалитетни Sennheiser слушалки.

Како и да е, искрено се надевам дека иднината на ваквите кина е во идејата на Dolby за кино платно кое целосно опкружува и каде гледачите ќе можат да уживаат заедно во филмот и ултимативно, да продолжи да се раѓа нова љубов меѓу младите.

vr-cinema-900x420

Извор: Venture Beat, Mashable, SlashGear

Претходна статијаInstagram за Windows 10 Mobile конечно достапна, но во бета верзија
Следна статијаХакери можат да влезат во вашиот компјутер преку безжичните мауси и тастатури