Викендов треба да ви дојдат поголем број на гости кои треба да ги сместите во трпезаријата. За жал, нема доволно место. Вие со насмевка на лицето знаете дека нема проблем, и со давање наредба на вашата куќа таа се трансформира и ја зголемува трпезаријата да биде доволна за сите. Или пак тргнете ја работната маса на страна со замавнување на раката и така ослободете место за дополнителни 5-6 души. Научна фантастика? Не за долго.
Роботиката полека, но сигурно навлегува во сите сфери на човековото живеење и функционирање, па така и во домаќинствата, ентериерот и мебелот. Не секој може да си дозволи да купи поголем стан или куќа, но со вградување на паметем роботизиран мебел како тој развиен од MIT MediaLab наречен CityHome, ќе може да го направи внатрешниот простор да изгледа и функционира како поголем бидејќи мебелот е модуларен и се „вклопува“ во себе (погледнете на долните две видеа).
Можно е и цела соба да биде „трансформер“ и да зазема улоги и организација во зависност од вашите потреби, како што може да се види на следното видео:
Кога сме веќе кај роботизирани домови кои можат надворешно да се шират, а воедно се енергетски-ефикасни, го имаме EDV-1. Се работи за еден вид на „кутија“ слична на бродски контејнери со истите димензии (што значи може да се пренесува на тој начин), а може да ја зголеми својата големина двојно од оригиналната, и тоа во висина. Да, со EDV-1 добивате спрат нагоре по желба. Дополнително, заштитена е од разни надворешни непогоди, а воедно ја рециклира внатрешната вода и има големи сончеви панели на нејзината површина, па внатре во неа можете да поминете цел месец без проблем.
Постои и куќа со лизгачки егзоскелет, што овозможува да ја менувате формата на куќата и големината, по желба и во однос на годишни времиња, бројот на луѓе внатре во куќата и слично. Оваа куќа можете да ја погледнете на следната слика:
Како што рековме на почетокот, роботиката и иновативноста навлегува на нов начин во домаќинството и дизајнот на домовите, па очекуваме да видиме и други типови на интересни домови кои се претвораат по желба. Во меѓувреме можете да ја проверите и EcoCapsule, паметната и компактна самоодржлива капсула за живеење.
Извор: The Guardian, Engadget, Inhabitat 1, 2, 3 (EDV-01)