Модерната технологија на дизајн и изградба на модели покажува и докажува дека веќе можат да се создаваат целосно функционални предмети и уреди од скоро било што. На пример од картон. Кој може да се искористи за да се направи цело возило.
Токму тоа е идејата на Origami Car на Lexus. Се работи за цело возило направено од картон (освен, секако електромоторите и другата електроника). Каросеријата е од картон, внатрешнината, па дури и тркалата (!) се направени од картон. Возилото функционира и вози, но не веруваме дека било кога ќе го видиме на патот. Картонот сепак не е пребезбеден во случај на судар.
Картонското возило е направено како копија на дизајнот од Lexus IS 300h, а изработката на составните делови одела преку ласерско сечење за да се постигне потребната прецизност. Целиот процес на производство можете да го видите на видеото погоре, каде инженерите објаснуваат како течел макотрпниот процес на создавање на деловите и нивното спојување во цел автомобил.
На крајот, тие го возат автомобилот низ уличка демонстрирајќи ја неговата способност да се движи, а воедно остварувајќи еден надреален призор на картонско возило кое изгледа како да е дигитално анимирано по вистинска улица.
Картонот покажува прилично силна структура и карактеристики кога се користи на правилниот начин. Возилото на Lexus е само еден пример за концептот. Истото може да се каже и за други материјали како стакло или пластика кои веќе се употребуваат за изработка на евтини и практични конструкции.