e9roiel67zk0gl55mpmq

Петер Сунде одлежа затвор за „помагање на пиратерија“ со основањето на PirateBay торент базата. Нешто слична ситуација како што производителите на хартија треба да лежат затвор бидејќи ИСИС печати мапи на неа кои ги користи за потоа да си игра „камај-камај“ и да шверцува нафта. Логика пар екселанс, нели?

Епа Сунде изгледа е уште многу напнат околу целата ситуација, па почна дури и да се зафркава со аудио индустријата која придонесе да го пикнат во затвор. Неговиот најнов изум е Kopimashin, уред-уметничко дело кој треба да покаже колку се апсурдни и нереални тужбите за нарушување на авторски права.

Па така, неговата машина ја зема истата mp3-ка од Нарлс Баркли – „Crazy“ и ја копира во меморијата 100 пати во секунда, а веднаш потоа ја брише за да ослободи место за нови копии. Според аудио индустријата и нивните тужби со секоја копија тие „губеле“ пари, и тоа имаат пресметано точно колку. Затоа Сунде на својата машина вградил и мерач кој пресметува колку пари изгубила индустријата со постојаното копирање на „Crazy“ и сумите се, нормално, апсурдни.

Или, во други зборови, тоа би биле околу 8 милиони копии на песната и околу 10 милиони долари „губитоци“ за аудио индустријата за само еден ден. Според фантастичната логика на аудио индустријата, кога би ја оставиле машината да работи 5 години би требало да започне серија од катастрофални настани како пропаст на аудио индустријата, а со неа да ја повлече индустријата за филмови и игри, започнување на апокалипсата и создавање на црна дупка сред Њујорк.

Некако не ни се верува дека баш тоа ќе се случи. Идејата на Сунде е да укаже на апсурдноста на одредување загубена вредност од копија што многу добро го постигнува. Со уметничкото дело тој ќе шета наоколу и ќе го прикажува како демонстрација на забегувањето со „заштита“ на авторското право кое моментално се случува низ светот (ви текнува на АКТА?).

Немојте да помислите дека не сум за заштита на авторското право. Секако дека сум и кога е умерено придонесува за афирмација, промоција и економска заработка за авторите. Од друга страна, кога се работи за алчна и забегана индустрија која сака да си го злоупотреби за само таа да се развива, а во исто време да ги кочи помалите играчи, тогаш се знае што треба да се прави – активно да ги исмеваме и да се бориме против нив, како што прави Сунде.

Извор: TorrentFreak, Gizmodo

Претходна статијаГо користевме одличниот Huawei Y6 – Одличен смартфон од ниската класа
Следна статијаSamsung Galaxy S7 ќе биде претставен во февруари или март 2016?