
Компанијата Michelin има план да го создаде идеалното тркало на иднината, наменето за ерата на автономни возила. Тркало кое нема да се потпира концептот на вбризган воздух во гумена рамка, со неопределен (неограничен) рок на траење.
Француската компанија која оваа година прославува 128 години од своето постоење и е глобално препознатлив бренд на гуми за возила, решава да го унапреди своето производство на начин што ќе се адаптира на новите технолошки трендови.
Концептот на новата гума/тркало, именувано „Vision“, изработено со помош на 3D принт технологијата ветува многу и се наметнува како идеално решение за автономните возила кои допрва ќе се најдат на улиците во светот. Единствениот проблем кој се јавува е што од компанијата се’ уште не знаат како да го изведат ваквиот потфат.
Сунѓерестото „ткиво“ кое ја формира идеалната гума е на база на биоразградливи материјали како природна гума, бамбус, хартија, тенок лим, дрво, електронски и пластичен отпад, сено, стар метал, текстил, картон, меласа сируп, па дури и кора од портокал. Иако состојките од кои е составена не делуваат сосема hi-tech, гумата е замислено да има можност за собирање на податоци и предвидување на перформансите на возилото, во зависност од низа параметри.
Со оглед на тоа дека авто-технологијата доживува голема преобразба, сосема е логички фактот дека за новите, автономни возила ќе биде потребен исто така комплетно нов концепт на тркала. Издржливоста, рециклирањето, smart технологијата и мултинаменската способност ја купуваат картата за иднината на овој проект на Michelin.