Возилата со погон на водород до пред една деценија беа први на листата кога ќе се помислеше на иднината, но огромниот успех на Tesla некако ги стави во заден план. Сепак, ваквиот погон има многу предности во однос на електричниот на батерии (на пример многу побрзо полнење), а тоа особено важи за поголемите возила, како камионите. Nikola One е првиот камион на водород, кој ветува нулта емисија на штетни гасови и поевтино возење во однос на камионите со дизел погон.
Погонот на водород инаку користи таканаречени горивни ќелии, кои со водородот кој се полни во резервоар под притисок и кислородот од воздухот прават електрична енергија. Замислете ги како активни батерии. Потоа, оваа електрична енергија се користи за полнење на литиум-јонските батерии, преку кои потоа се погонуваат електричните мотори. Возилата на водород во атмосферата испуштаат само водена пара и затоа се сметаат за возила со нула емисија на штетни гасови.
Nikola One ги има сите овие елементи и според производителот, со едно полнење на водород може да помине од 1.300 до 1.900 километри, зависно од товарот кој го носи. Моделот е опремен и со регенеративно кочење, односно батериите се полнат и при забавување, што секако помага во продолжување на автономијата, но и во полесно забавување на надолнини. Погонот има максимална сила од 1.000 КС, што значи дека овој камион може да го понесе и најголемиот дозволен товар – дизелските камиони имаат половина од таа сила.
Кабината на Nikola One е веројатно најнапредната од сите камиони досега. На централната конзола е поставен дисплеј со големина од 21 инч и на него се достапни сите команди за мултимедијалниот систем и навигацијта, додека втор дисплеј со големина од 15 инчи покажува слика од камери од целиот камион наоколу, што го олеснува паркирањето.
Првите примероци од камионот ќе бидат испорачани во 2020 година, а производителот веќе има прифатено нарачки со вредност од преку 3 милијарди долари. Интересно, Nikola One всушност ќе се нуди на лизинг и ќе чини 5.000 – 7.000 долари за поседување месечно. Во оваа цена се вклучени горивото, сервис и одржување, што е прилично поволно.
Извор: PC Mag, ARS Technica, Nikola Motor