
Ви го претставуваме новото паметно ремче за мачки наречено Catterbox, кое е првото ремче до сега што на овие миленици им дава човечки глас. Оваа направа на многу фелинофили (страствени љубители на мачките) ќе им ја оствари најголемата желба – да можат да ги разберат своите четириножни пријателчиња. Сепак, ова каивче се` уште не го детектира она што мачките го мислат во моментот, туку ги трансферира најпознатите видови на звуци што мачките ги прават во разни најчести ситуации и расположенија.
Научните студии потврдуваат дека мачките мјаукаат со цел да комуницираат со своите сопственици. За да бидат полесно разбрани од страна на луѓето компанијата The Temptations Lab заедно со две други креативни агенции лоцирани во Лондон, се впушти во едно интересно истражување на мачките.
Пасионирани да ги приближат мачките и сопствениците поблиску едни до други и да внесат доза на повеќе забава во нивните животи, тие анализирале разновидни звуци од мачки и дизајнирале сензор што го детектира мјаукањето и предењето на мачките и го преведува во англиски човечки говор користејќи Wi-Fi и Bluetooth технологија, како и уникатен софтвер. „Ние го основавме The Temptations Lab во 2015 година со цел да вбризгаме доза на сериозна забава во животите на мачките. Во нашиот прв проект ние ја употребивме најновата технологија за да ги запознаеме подобро. Ние веруваме дека доколку луѓето подобро ги разберат мачките тие ќе видат колку интересни тие навистина се“ – велат иноваторите на нивната официјална веб страница.
Со помош на апликацијата за мобилен телефон може да се одбере дури и новиот глас на вашето маче, што вам најмногу ќе ви се допаѓа. Вашето маче може да има британски или американски акцент, машки или женски глас.

Оваа технологија е вметната во елегантно 3Д испечатено каивче кое е беспрекорно поврзано со апликацијата. Овој уред всушност не преведува интерактивно, т.е. симултано во реално време, туку емитува претходно снимени фрази од човечки говор, кога мачката произведува одреден звук. „Ние ги анализиравме овие звуци на мачки и создадовме програм што го детектира мјаукањето и го претвора во човечки глас“ – вели описот на производот на веб страницата на компанијата.

Иако задоволува доста од потребите на сопствениците, Catterbox во оваа фаза се` уште претставува прототип. Секако дека потребна е помош и поддршка од страна на потрошувачите, за овие невообичаени истражувачи да можат да продолжат својот изум да го усовршуваат уште повеќе. Она што е најважно да се запомни е дека сите геџети создадени со цел да ги забавуваат луѓето, најчесто се непријатни за животните. Доколку планирате на мачето да му купите вакво каивче, само замислете како вие би се чувствувале кога некој вам би ви ставил сличен околувратник што зборува во текот на целиот ден?
Извор: Mashable, Huffingtonpost