climate-cool-sweden

Си купивте карта за не-толку познато место, веќе стигнавте на аеродромот и ви текна дека не знаете дали ќе ви треба џемпер или шешир против сонце? Колку би било убаво да можете да дознаете од прва рака какви ќе бидат условите таму каде што летате, нели?

Да, можете да погледнете на временската прогноза на телефонот, но тоа најчесто не е доволно за да се осетат условите во кои ќе влезете на крајот од летот. Решението го има Стокхолмскиот аеродром Арланда, кој инсталираше неколку, да ги наречеме, временски кабини. Во нив можете да влезете и да ја внесете вашата дестинација (веројатно со скенирање на картата). Кабината ги вади временските услови и времето на слетување и со помош на греачи/ладачи, чад-машини, аудио-визуелни и други ефекти ги симулира условите.

Ова ќе ви овозможи да увидите во што се впуштате и дали во последен момент ќе го откажете вашето патување или ќе се затрчате до прескапите авионски продавници за да си докупите блузон или хавајка. Овие кабини представуваат вистински временски портал, а од компанијата ги имаат поставено нормално за да рекламираат на колку дестинации летаат, кои се повеќе од 150 на број.

Во секој случај интересен додаток на аеродромот Арланда кој се надеваме ќе се пренесе и на другите, чисто за разбивање на досадата при чекање да ви пристигне авионот за да се качите на него.

Извор: Technabob, Gizmodo, PSFK

Претходна статијаChevrolet претстави специјална преграда во своите автомобили која го лади вашиот телефон
Следна статијаВе интересира ли како ќе изгледа Земјата за 100 милиони години, и како изгледала во историјата?