Пред да не` истепаат и поробат, роботите ќе започнат со меѓусебни борби – нешто што сомнително потсеќа на гладијаторите и гладијаторското востание на Спартак. Всушност, времето веќе пристигна.
Имено, компанијата од САД, MegaBots, ја предизвика јапонската компанија Sudobashi на дуел меѓу нивните два најголеми робота, MegaBot Mark II (САД) и Kuratas (Јапонија). Официјалното барање за дуел можете да го погледнете на видеото доле.
Јапонците биле затекнати со овој интересен предлог. Како што кажува самиот управител на Sudobashi, предлогот дошол од никаде. Покрај тоа, тој изјави дека не може да дозволи американците да победат во оваа борба бидејќи градењето на огромни роботи е национална гордост на Јапонија. Затоа, од Sudobashi го прифатија предизвикот, со поставување на еден услов: борбата да биде без оружја т.е. „голорака“ (ако може така да се каже за роботи).
Видеото од прифаќањето на предизвикот можете да го погледнете доле.
Оригиналното барање за двобој содржеше рок од 1 година од прифаќањето или објавувањето на предизвикот, но во прифаќањето не се кажува точен датум. Засега нема потреба од грижа бидејќи се работи за човечки-управувани роботи, но кој би знаел за во иднината…
Како и да е, овој настан дефинитивно ќе биде настан на годината во која ќе се случи, а дали тоа ќе биде 2016, 2017 или друга година не се знае се` уште. Ние секако ќе си резервираме место, макар и виртуелно, за следење на овој гладијаторски меч, а истото ви го препорачуваме и вам како би присуствувале на ваков историски настан. Дополнително, ги чекаме другите технолошки развиени земји како Русија, Германија, В. Британија, Франција и останатите да создадат свој робот со кој би влегле во вакви борби.