NASA
Media: NASA

Вселенското летало New Horizons на агенцијата NASA постави рекорди во неколку „дисциплини“. Како што е познато, ова летало беше наменето прво во историјата да прелета во близина на планетата Плутон. Меѓутоа, своето патување го продолжи кон уште пооддалечените „сокачиња“ на Соларниот систем.

Кон крајот на минатата година New Horizons успеа да фотографира соѕвездие, правејќи ја така фотографијата која настанала најдалеку од планетата Земја до сега. Фотографијата ја направи на оддалеченост од 3,79 милијарди километри. Правејќи ги овие фотографии, човештвото успеа да ѕирне буквално до работ на Соларниот систем. За полесна споредба, оваа дистанца е практично 41 пат поголема од дистанцата помеѓу Земјата и сонцето.

Претходен носител на овој рекорд е Voyager 1 од NASA, кој на тронот се наоѓаше речиси 28 години. Неговата фотографија од планетата Земја, направена од дистанца од 3,75 милијарди километри долго време важеше за фотографија настаната најдалеку од нашата планета. По историскиот потег, камерите на Voyager 1 беа изгасени со цел да се заштеди енергија. Научниците проценија дека неговото понатамошно патување нема да понуди квалитетни кадри, па енергијата ја насочија кон прибирање податоци.

NASA
Media: Историската фотографија на Voyager1

New Horizons се подготвува за рушење нови рекорди веќе во јануари наредната година. Тогаш сондата ќе се најде во непосредна близина на вселенската карпа 2014 MU69. Мисијата која работи на овој проект се надева дека покрај фотографии, сондата ќе прибере и друг вид на информации нужни за понатамошни истражувања.

ИЗВОРThe Verge
ИЗВОР 2Futurism
Претходна статијаПромени од Google – сите HTTP сајтови ќе бидат означени како несигурни
Следна статијаGoogle го развива Yeti, нова играчка конзола која ќе се појави во 2018?