Дали автомобилите имаат простор за големи подобрувања во нивното функционирање? Ако не го сметаме модерното префрлање на електрични мотори, не би рекле дека постојат револуционерни чекори во оваа индустрија, туку во главно еволутивни. Освен кога се работи за Tesla. Со новиот Model X.
Бидејќи со Model X, Tesla воведе неколку технички иновации кои го сместуваат далеку пред конкуренцијата на SUV и Crossover-и, и тоа без разлика дали се работи за „стандардната“ на фосилни горива или електрична. Веќе пишувавме за представувањето на Model X во јавноста, но и покрај неколкуте информации кои протекоа од Елон Маск и неговата компанија едно чудо на информации беа зачувани како изненадување.
Model X однадвор
На прв поглед ништо поразлично од стандарден SUV се` додека не погледнете однапред. Таму ќе ве импресионира огромната шофершајбна која се протега до скоро половина на покривот на самото возило! Се работи за едно огромно стакло кое овозможува патниците да не се осеќаат дека се возат во возило, туку дека се скоро надвор и можат да го гледаат небото над нив. Инженерскиот потфат да се оствари ова бил доста макотрпен, бидејќи од Tesla се обидувале да спречат патниците да се „пржат“ внатре од Сонцето. Затоа тие развиле специјална градуелна прекривка која започнува од најгоре, па полека се намалува кон долниот дел на шофершајбната, заштитувајќи ги луѓето внатре.
Втората иновација за која веќе пишувавме се вратите кои се отвораат како крилја. Или, според изразот од Tesla, Falcon Wing врати. Тоа што досега не беше објаснето е што овие врати со помош на ултразвучен сензор осеќаат каква е конфигурацијата на предмети околу нив и споредбено на тоа се отвораат во неколку различни стадиуми, избегнувајќи судир со друга кола или ѕид. Дополнително, кога сопственикот се приближува кон возилото сензорот му го открива движењето и автоматски ги отвора вратите таман за тој да влезе во возилото, по што со притискање на педалата за кочење тие се затвораат.
Model X одвнатре
Инструменталната табла е практично иста со Model S, со тоа што се променети сликите за возилото. Тука е 17-инчниот екран осетлив на допир, огромен простор за сместување работи, и во главно многу интересни додатоци и премиум изглед кој ќе ве убеди дека се наоѓате во вселенски брод, а не во SUV.
Model X на патот
Според тестовите, Model X е најбезбедниот SUV досега направен, постигнувајќи оценки 5 на сите подкатегории. Тоа е одлично, бидејќи споено со неговата способност за постигнување на 100 км/ч за само 4 секунди е споредливо со едно Ферари. Да, добро прочитавте – само 4 секунди за неверојатна брзина, со автономија од околу 420 километри.
Model X има и полуавтопилот, кој може да превземе дел од задачите на возењето – а со оглед на тоа дека возилата на Tesla можат да се надградат, тој ќе биде надграден со подобра и поспособна верзија.
Се работи за два модела, P90D Signature кој ќе чини 132 илјади долари, и P90D Founder со цена од 142 илјади долари и Ludicrous мод на работа кој е супербрз. Дефинитивно (засега) возило за богаташи, но ако сакате феноменален производ кој ве сместува во иднината – Tesla Model X е изборот.