Toyota планира нивните автобуси, коишто ја користат технологијата на водородни горивни ќелии, да започнат со редовно возење низ улиците на Токио почнувајќи од март оваа година. Всушност станува збор за еден ваков автобус кој ќе биде првиот од вкупната бројка од 100 автобуси кои треба да бидат испорачани до 2020 година, односно до почетокот на Олимписките и Параолимписките игри. Еден ваков автобус ќе може да собере до 76 патници, а ќе може да обезбеди електрична енергија во период на временски непогоди.
Ова возило функционира врз база на две TFCS (Toyota Fuel Cell System) единици со моќност од 114 киловати. Овој систем за прв пат е развиен за моделот Mirai на Toyota. Системот има 10 резервоари под притисок кои содржат 600 литри водород. Притисокот е околу 700 бари. Батериите кои се користат се изработени од никел, и напојуваат два електрични мотори со комбинирана моќност од 226 киловати.
Од компанијата велат дека електричната енергија која што може да ја обезбеди еден ваков автобус во време на природни катастрофи изнесува 235 киловат часови. Исто така велат дека покрај тоа што овој мотор не испушта штетни супстанци во воздухот, исто така е и поефикасен од моторот на внатрепно согорување. Toyota смета дека технологијата на водород е моќен извор на енергија кој ќе се користи во иднина. „Зелениот“ автобус на Toyota е дизајниран така што е лесен и едноставен за качување и симнување од истиот, што го прави погоден за стари лица и за мали деца. Името на овој модел е Toyota FC Bus, скратено од fuel cell bus.
Извор: NewAtlas, NewsRoomToyota