Велосипедската активност во Скопје е неспоредлива со еден Лондон или пак Белград, а да не зборуваме за традиционалните велосипедски држави како Холандија или Данска. Нормално, патувањето на велосипед може да биде стресно искуство ако ве удри некој, па дури и можете да скршите коска или да го загубите животот.
Според пресметките, во Лондон 19 илјади велосипедисти биваат повредени годишно, што е навистина голема бројка. Не веруваме дека бројките процентуално се различни во другите градови, евентуално можеби се помали во земјите со поголема велосипедска култура.
За решавањето на овој проблем се ангажираа Volvo, британската компанија за дизајн Grey London и Albedo100, компанијата која произведува рефлективни бои и спрејови. Тие создадоа рефлективен спреј-боја наречен Life Paint, кој воедно има повеќе интересни карактеристики кои сигурно ќе бидат прифатени од велосипедистите.
На пример, самата боја е рефлективна и кога ќе се испрска на било кој предмет таа се лепи со посебен, неотровен лепак и ја држи на таа површина недела до 10 дена. Дополнително, бојата многу лесно се чисти и не остава траги, и е невидлива преку ден! Навечер, секако, рефлектира многу повеќе светлина него обичните предмети и ја заменува функцијата на катадиоптер и специјална рефлективна облека.
Идејата на овој производ е да го купуваат велосипедисти и да се „одбележат“ со него по било кој предмет или облека. Огромната рефлексија ќе ги направи супервидливи навечер и ќе помогне за намалување на несреќните случаи во сообраќајот.
Велосипедот е феноменално средство за транспорт бидејќи не загадува, релативно евтино може да се набави и да се оддржува, го оддржува здравјето на возачот и дозволува да се поминуваат некои патеки кои не би можеле да се поминат со возило (на пример, сообраќајни гужви). Да се надеваме дека Volvo Life Paint ќе си ја заврши својата својата работиа и ќе воведе поголема почит од страна на возачите на возила кон велосипедистите.