Google во среда ја започнува својата позната Google I/O конференција на која, меѓу другите работи, се очекува претставување и на неколку уреди. После долго време на шпекулации, од компанијата конечно го потврдија претставувањето на нивниот прв уред на преклоп и директен конкурент на Samsung, Pixel Fold, а тука е и претставувањето на Pixel 7a.
Уште еден уред кој треба да биде претставен е Pixel Tablet, уред за кого Google неколку пати има по малку говорено, што значи дека ја имаме и потврдата за него.
Јапонската страна на Amazon предвреме ни ги откри дел од карактеристиките на Pixel Tablet. Страната е веќе тргната, но не пред доволно информации да се извадат од истата.
Од тоа што можеше да се види, Pixel Tablet ќе дојде со 10,95 инчен LCD екран со резолуција од 2560 на 1600 пиксели и формат од 16:10. Уредот треба да работи на ланскиот чип од Google, Tensor G2, со 8GB RAM и избор помеѓу 128 и 256GB UFS 3.1 простор за податоци.
Две камери ќе бидат достапни, односно по една на двете страни, а двете ќе имаат по 8 мегапиксели и f/2.0. Ова не се баш нешто посебно добри карактеристики кога се во прашање камерите, но сепак се работи за таблет компјутер, а Google се познати по нивниот одличен алгоритам за слики.
Цената по која треба да се продава Pixel Tablet е околу 500-600 долари, а исто како и другите Pixel уреди и овој нема официјално да биде достапен во нашата земја, за жал.