Apple планира да донесе нешто поголеми промени кај iPad Pro серијата идната година, која веќе пет години нема скоро никакви промени, со исклучок на компонентите.
Ова го најавува Марк Гурман преку неговиот неделен билтен насловен „Apple се обложува на обновен iPad Pro за да ја зголеми слабата продажба на таблети“.
Според него, новите iPad Pro модели можеме да ги очекуваме идната пролет или порано во летото. Тие ги носат кодните имиња J717, J718, J720 и Ј721 и очекувано ќе работат на третата генерација од чипот на Apple, M3.
Една од главните промени кај iPad Pro серијата се очекува да биде конечното користење на OLED панели за екранот, нешто што конкуренцијата одамна го прави.
Повторно треба да има два Pro модели, 11 инчен и сега 13 инчен, а се надеваме дека Apple нема да направи клучни разлики помеѓу нив како со сегашните модели.
Гурман најавува и целосно нова верзија од Magic Keyboard која треба да го направи iPad Pro многу повеќе како лаптоп, а клучна улога тука ќе игра поголемиот „trackpad“, за разлика од сегашната верзија.
Тоа што сепак е поблиску е претставувањето на iPhone 15 серијата, заедно со AirPods и Apple Watch, а настанот се очекува дека ќе се одржи на 12 септември.
За оваа година Гурман не очекува некои други поголеми претставувања од страна на компанијата.