Според неофицијални информации од The Information, Apple ја имаат суспендирано работата на Vision Pro 2 поради насочување на ресурсите кон поевтината верзија од овој уред.
Дека од компанијата планираат поевтин Vision уред „знаеме“ уште пред претставувањето на првата верзија од овој „просторен компјутер“, како што Apple го нарекуваат.
Тоа што не беше точно јасно е кога се планира неговото претставување, па според сегашните информации изгледа тој ќе дојде пред втората верзија од Vision Pro.
Наводно Apple повеќето вработени ги има преместено кон развојот на поевтиниот Vision уред, а мал дел се останати на развојот на Vision Pro 2 кој сепак се очекува дека ќе биде претставен некогаш.
Поевтиниот модел се очекува подоцна од претходно најавеното, па би требало да го видиме дури идната година и тоа можеби до крајот на истата.
Цената на овој уред се очекува дека ќе биде некаде околу 1600 долари, што е дупло поевтино од Vision Pro уредот.
На сметка на пониската цена, уредот треба да дојде со нешто послаби карактеристики, но според информациите Apple нема да штеди на екраните, едни од најважните компоненти за доброто корисничко искуство.
Дополнително, од компанијата имаат цел овој уред да биде доста полесен и поудобен за носење, а се надевам дека ќе направат нешто и за батеријата.