Apple вчера ја претстави најновата генерација од нивниот паметен часовник, а може да се каже дека Apple Watch ќе продолжи да биде еден од најдобрите на пазарот.
Главната карактеристика кај Apple Watch Series 7 е намалувањето на рамките околу екранот, со што се добива поголем екран без некоја значајна промена на димензиите на уредот. Екранот покрај тоа има и мало заоблување од страните, па тоа треба да овозможи да рамките уште помалку се забележуваат, а посебно кога се користи некоја тема која го искористува тоа.
Заедно со поголемиот екран, Apple Watch Series 7 добива и подобрен кориснички интерфејс со WatchOS 8 кој вклучува поголеми букви кај насловите, како и целосна тастатура за да може да се користи часовникот и за одговарање на пораки. Тастатурата, со оглед на тоа дека сепак е мала, ќе може да се користи и со повлекување на прстот, со што би требало да се зголеми прецизноста.
Од Apple истакнуваат дека новиот часовник овозможува 20% повеќе екран во споредба со претходниот модел, а рамките се само 1,7 милиметри што е 40% намалување.

Како посебна новина од компанијата ја истакнуваат поголемата светлина на Always-On Retina екранот за 70% со што корисниците ќе можат многу полесно да ја видат содржината без потреба од вклучување на екранот, односно вртење на зглобот.
Apple Watch Series 7 доаѓа и со понапредна заштита на екранот која оваа година има заштита од прашина, а достапна е и досегашната отпорност на вода. Со WatchOS 8 часовникот добива и подобрени функции, а од Apple посебно ги истакнуваат активностите кои сега се препорачуваат, како возење велосипед и слично.

Новиот часовник исто така треба да се полни побрзо, за 33% според Apple, но „најдобриот часовник на пазарот“ сепак останува со една маана, а тоа е потребата од негово секојдневно полнење, за разлика од конкуренцијата која зависно од моделот, овозможува неколкудневно траење на батеријата.