Оваа година е десетгодишнината од претставувањето на Apple Watch, па гласините засега најавуваат дека од компанијата планираат одредени новини кај часовникот кој можно е да биде наречен Apple Watch X.
Веќе ги видовме и првите слики и видео од тоа како може да изгледа овој часовник, а кратко кажано, Apple ќе ги искористи голем дел од дизајн новините кои ги претстави кај Watch Ultra.
Сега нова информација исто така оди во правец на можните промени кои можеме да ги очекуваме, овој пат од дизајн на внатрешноста на часовникот.
Според извори од синџирот на снабдувачи, чест извор на точни информации, Apple планира промена кај видот на матичната плоча која ја користи кај часовниците. Новиот вид треба да биде таканаречениот „RCC – Resin coated copper“, а оваа информација веќе ја објави и познатиот Минг-Чи Куо кој исто така ретко греши.
Овој нов вид на матична плоча треба да е потенок, со што ќе се овозможи поголем простор за останатите компоненти на уредот. Кога на тоа ќе се додаде и гласината за нов вид на ременчиња, може да се очекува ослободување на значителен простор во внатрешноста на Apple Watch.
Покрај можноста за намалување на дебелина на часовникот, Apple може да се одлучи и за вградување на поголема батерија или дополнителни компоненти, како што се нови сензори за здравствените функции. Секако, на крајот е можна и комбинација од сите овие можности.
Според информациите, не треба да се исклучи и можноста Apple својот јубилеен часовник да го претстави дури идната година, па оваа година да видиме мала надградба кај Apple Watch Series 10, без значајни новини.