Како што тоа неколку пати го најави преку таканаречени teaser слики, Asus денеска го претстави нивниот прв паметен часовник, Asus ZenWatch. Направен е како што истакнуваат во соработка со Google, па очекувано работи на Android Wear верзијата од овој оперативен систем специјално изменета за паметните часовници. Врз тоа Asus има направено додатни измени кои што вклучуваат одредени промени на корисничкиот интерфејс специјално направени за овој часовник.
ZenWatch е направен во правоаголна форма и вклучува делумно заоблен екран во формата на раката. Ременот е направен од кожа, па часовникот остава прилично квалитетен впечаток. Самиот уред е направен од среден дел обоен во златна боја, поставен измеѓу долниот и горниот дел од часовникот кој што е направен од нерѓосувачки челик. Според нас, иако не е направен во последно време актуелната кружна форма која што треба да остави впечаток на обичен часовник, ZenWatch е направен одлично и сигурно ќе им се допадне на корисниците.
Доаѓа со 1,63 инчен AMOLED екран со резолуција од 320 на 320 пиксели кој што како што кажавме е заоблен. Работи на Snapdragon 400 1,2 GHz процесорот и вклучува 512 MB RAM меморија. Во часовникот вклучени се и сензори кои што може да се користат за фитнес активности, односно сензор за пулс, како и 9 оскин сензор за следење на движењата. Отпорен е на вода и прашина, се разбира како заштита од случајни намокрување, а не за користење додека се бањате на море, на пример.
Она што е интересно кај ZenWatch, нешто што не е карактеристично кај другите Android Wear часовници е можноста за контролирање на одредени активности преку гестови. Па така, можете да го отклучите часовникот со дупло притискање на него, да го прекинете ѕвонењето на телефонот со покривање на часовникот со раката и слично.
Asus ZenWatch треба да се продава по цена од 199 евра, што го прави навистина привлечен доколку се спореди со останатите часовници на пазарот.
Извор: Asus