Иако се’ уште не можат целосно да заменат десктоп со добри перформанси, компјутерите на стикче добиваат на популарност. Развојот на технологијата овозможува да и во таков мал формат се сместат доволно добри компоненти кои што овозможуваат извршување на основни функции како работа со документи, сурфање на веб, гледање филмови и слично.
Asus оваа недела на IFA2015 настанот претстави ваков уред, наречен е VivoStick PC, кој што за разлика од конкурентните, доаѓа со минималистички и интересен дизајн. Стикчето е со димензии 13.8 x 3.4 x 1,5 сантиметри, а може слободно да се каже и дека изгледа одлично, односно не остава впечаток на нешто што вклучува цел компјутер во себе.
Како што можеби и би очекувале, VivoStick работи на најновата верзија од Windows, односно 10ката. Работи на Cherry Trail процесорите од Intel, а вклучува и 2 GB RAM меморија и 32 GB вградена меморија за складирање.
Покрај HDMI излезот со кој што се поврзува со телевизорите или други екрани, VivoStick вклучува и 2 USB порти и аудио приклучок.
Со додавање на глувче и тастатура, ова мало стикче се претвора во компјутер на кој што можете да се обидете да ги направите вашите основни дневни активности.
Треба да се продава по цена од 129 долари, меѓутоа не е најавена достапноста за нарачка.