Како што пишувавме и претходно, Интернетот на нештата стапува на сила и ова што го гледаме денес е само зачеток. Според Ерик Шмит, Интернетот ќе „исчезне“, во смисла дека сите мали уреди кои се наоѓаат околу нас ќе ги следат информациите околу нас и ќе се координираат на Интернет, или макар ќе ги оставаат информациите таму. Ова звучи како остварување на Орвелското предвидување за целосна контрола врз информациите и врз нас, особено имајќи предвид што NSA и другите тајни агенции прават (а се` уште нема соодветен одговор од граѓанството за кое борбата за правото на приватност и другите права е борба која треба да се оствари од „таму некој друг“).
Сега производителот Belkin се појави со надграден и проширен пакет на уреди со кои можете да следите голем број на процеси низ домот. Па така, Keychain sensor е, како што кажува името, сензор за клуч кој го закачувате на клучевите и со него можете да следите каде се наоѓаат тие. Од приложените информации не може да се дознае дали сензорот има GPS на него, но изгледа дека нема. Во тој случај, тој веројатно работи во координација со мобилен телефон и со друг Belkin уред преку некоја технологија како Bluetooth, WiFi или спомнатиот ZigBee Bridge. Кога ќе дојде или ќе се оддалечи од рангот на овие уреди, се огласува аларм или се покренува некоја друга акција (како на пример, вклучување на друг Belkin уред).
Belkin Door/window sensor е уред кој се закачува на некоја врата или прозорец и овозможува да бидете известени кога истите ќе бидат отворени. Ова може да се координира со палење на светла во домот, но и да ве извести ако некој провалил кај вас дома додека сте излезени. Belkin Alarm sensor е уред кој прибира информации за звуци, чад, јаглерод-моноксид (во случај на пожат) или кршење на стакло и потоа ве известува. Со него можете да нагодите неколку приоритетни контакти кој тој ќе ги извести во случај на алармирање во однос на претходноспомнатите случаи. За жал, тој не може да работи без телефонската линија, па ако некој крадец ја прекине, овој уред ќе престане да работи.
Water sensor е сензор за воден притисок и проток на вода во цевки. Тој се закачува на некоја цевка и го мери протокот на вода низ неа. Со ова потенцијално може да ве спаси од штета ако некоја цевка пукне и почнува да тече низ домот, заканувајќи се дека ќе направи поплава. Дополнително, овој сензор може да се користи за набљудување на трошењето на водата и ефикасноста, што можете да го искористите за да набљудувате колку вода протекува низ бојлерот секој месец (и да се расправате со тинејџерите за тоа).
Motion sensor е класичен детектор на движење, со тоа што разликата е дека овој може да ве извести за детектирано движење каде и да се наоѓате. Работи на принципот на детектирање инфрацрвени зраци, што значи дека можно е да биде активиран од домашни миленичиња. Тој може да се искористи за автоматизирано палење светло и други акции во координација со другите Belkin уреди.
Со ваквите сензори Belkin ви овозможува зачеток на автоматизацијата на домот и прибирање на севкупни податоци од истиот. Во исто време ви нуди дополнителна ерозија на приватноста, особено ако најдете неетички начини да ги искористите сите овие уред. На вас останува одлуката дали воопшто и дали етички ќе ги користите овие уреди (и идните кои ќе доаѓаат), со почит кон приватноста на другите индивидуи.