Дали сте параноични дека ве шпионираат со користење на дронови, сигурносни камери, скриени микрофони, па и со Google Glass? Доколку сте, погледнете го Cyborg Unplug – безжичниот уред кој спречува надзор.
Тоа е преносен рутер што сe вклучува директно во штекер, а може да детектира дронови, камери за надзор и мобилни технологии кои се обидуваат да пристапат до WiFi сигналот.
Cyborg Unplug е развиен во заеднички дух со кампањата “Stop the Cyborgs”, која постави знаци за забрана на Google Glass во многу ресторани, кафетерии и клубови во САД. Кон крајот на мај оваа година, Julian Oliver, германски артист и програмер, ја објави Glasshole.sh веб скриптата дизајнирана да го детектира Google Glass. Ова е продолжување на неговиот проект.
Иако Glass нема поголеми способности за снимање или фотографирање од поголемиот број на смартфони, сепак гаџетот на Google, иако сеуште е во фаза на тестирање, веќе беше таргетиран од застапниците на приватност, кои тврдат дека технологијата многу лесно може да го прекрши правото на приватност.
Како функционира уредот?
Cyborg Unplug бара уреди кои неговиот сопственик избрал да бидат забранети. Доколку се открие уред кој бил селектиран за забранет, се јавува аларм (LED, аудио или порака). Понатаму доколку тој уред се открие дека е поврзан на мрежа која ја штити Cyborg Unplug, се испраќа серија од специјални де-автентикациски сигнали (пакети) за дисконектирање. Ова се извршува автоматски без барање на интеракција од сопственикот.
Всушност Unplug ги детектира уредите преку нивните хардверски (МАС) адреси, кои се единствени за секој уред, а кои уредот ги емитува кога се обидува да се конектира на мрежа.
Не станува збор за уред за блокирање на сигнали со користење на шум, туку Unplug се користи за детектирање и таргетирање на специфичен уред и негово дисконектирање со користење на легални де-автентикациски пакети кои секој уред ги испраќа.
Значи Unplug не може никого да запре да ве сними или фотографира со користење на мобилни уреди, туку може да го спречи протокот на податоците.
Доколку уредот е во неговиот предодреден мод, Unplug ќе ги отстрани сомнителните уреди од вашата мрежа, но сопствениците се уште ќе можат да се приклучат на Интернет. Доколку уредот е во опционалниот “All Out Mode” уредот ќе се обиде да ја прекине секоја друга конекција што сомнителниот уред ја има воспоставено, што не е легално.
Предвремените порачки на производот ќе стартуваат на 30 септември, а ќе бидат достапни два модела. За основниот пакет ќе треба да одвоите 50$, а повеќе функционалности ќе бидат достапни во моделот кој чини 100$.