bloomsky_002

Сте провериле временска прогноза која кажала дека викендов нема да врне, па сте зеле посветла облека. Одите на викенд и… почнува да капе, а вие нервозни барате друга апликација за да ви дава попрецизни прогнози. Што правиме со ситуациите кога на одредена локација не ви е јасно дали врне или не? Пишува дека врне во Скопје, но Скопје е широко 16 километри – и во Ѓорче може да пече Сонце додека во Ново Лисиче да се случува апокалипса.

За да помогне во оваа ситуација доаѓа BloomSky. Тоа е метеролошка мини-станица која можете да ја купите и поставите кај вас во двор, а таа користејќи ги сопствените сензори ќе ви дава точна слика за времето надвор. На себе има сензори за воздушен притисок, влажност, УВ индекс и други сензори. На својот врв има VGA камера со која го снима небото на секои неколку секунди, па на крајот од денот ви изработува timelapse видео од снименото, што трае одприлика 20-тина секунди.

BloomSky се поврзува со серверите на производителот за да овозможи прибирање на многу прецизни локални информации во врска со временските услови. Ваквиот уред може да биде купен, на пример, од некоја општина која ќе го постави насекаде низ општината за да следи и снима временски услови кои преку колективно-собраните информации ќе може да ги искористи секој граѓанин за да провери дали да излезе да трча, да го прошета бебето или да остане дома денес.

BloomSky се поврзува преку WiFi и е малку проблематичен за местење. Неговата кутија е водоотпорна, па нема страв дека ќе биде оштетен во услови на дожд. Засега информациите кои ги дава на серверот се само моменталните, и не можете да ги споредувате со минати услови. Тоа е одредено ограничување кое може да се исправи софтверски и кое веројатно ќе биде вметнато во следната верзија на мобилната апликација која доаѓа со уредот.

Уредот засега чини 269 долари со сончеви панели и 169 долари без истите, а можете да го нарачате на нивната страница: BloomSky.

Извор: PCMag, Engadget

Претходна статијаIntel и Inventec демонстрираа надворешна графичка единица на Thunderbolt со USB-C порт
Следна статијаНаучници успеаја да „израснат“ човечки мозок во лабораторија