Многу постари вљубеници во аудио технологијата ќе ви речат дека новите паметни телефони (и таблети и лаптопи) и слушалките кои доаѓаат со нив, се многу, многу неквалитетен начин да се слуша музика и ќе бидат во право – mp3 песните се страшно компресирани, а згора на тоа телефоните имаат многу лош аналоген во дигитален конвертер кој само дополнително го заматува звукот.
Новата компанија BoomCloud 360 има мал и преносен уред наречен BoomStick, кој ќе се погрижи да го зголеми квалитетот на музиката што излегува од вашиот телефон, или било кој друг уред.
Уредот се користи многу едноставно – од едната страна се приклучуваат слушалките, додека од другата страна го приклучувате уредот во телефонот, или кој и да било аудио излез. Всушност, BoomStick може да го подобри секој звук, независно од уредот од кој излегува или за каков звук се работи – музика или филм.
Зад подобрувањето на звукот има посебен алгоритам, кој според она што го кажуваат првите тестери, успева поприлично да го подобри звукот и да направи многу песни да имаат појасни тонови, односно подобра разделба меѓу инструментите, за разлика од „бучавата“ која ја прават паметните телефони и евтините слушалки. Исто така, BoomStick делува и како своевиден аудио засилувач – звукот преку него ќе биде и погласен.
Во BoomStick е вградена батерија која може да трае до 14 часа со едно полнење, а уредот се полни преку стандарден micro USB полнач, како и сите телефони, освен iPhone. Неговата големина е отприлика колку еден USB стик, што го прави прилично погоден за користење во сите услови.
Сите овие квалитети кои ги има BoomStick паѓаат во вода кога ќе ја соопштиме цената – чини 99 долари. Можеби има луѓе кои би платиле за ваков уред, но реално за истата цена има и прилично квалитетни слушалки, кои нема да треба да ги полните секој втор ден, односно многу поквалитетни аудио картички за вашиот лаптоп или десктоп компјутер. Секако, BoomStick може да се користи и на секакви други аудио излезни уреди, како на пример поголем систем или во вашиот автомобил, но 99 долари и натаму се чини се превисока цена.
Но, идејата зад BoomStick не е да се продава во големи бројки. Напротив, ова е уред кој ќе треба да ги промовира алгоритмите вградени во него, а кои потоа може да ги искористат многу големи производители на преносни уреди или пак истите да се понудат како Cloud опција за корисниците. Подобар звук за само 1,99 долари месечно? Е тоа е веќе лесно да се продаде.
Извор: The Verge, Slash Gear, TechCrunch