CES 2023 продолжува да покажува дека е главното место каде се претставуваат едни од најинтересните нови технологии и производи. Новата компанија Displace го покажува тоа со нивниот Displace TV, кој доколку се покаже дека е направен како што треба, може да го промени корисничкото искуство на многу корисници.
Displace TV е во основа еден голем екран, 55 инчен, кој работи на батерии и е безжичен, па поради тоа од него не излегуваат никакви кабли. Со тежина помала од 10 килограми, од компанијата тврдат дека преку вградениот систем за вшмукување, телевизорот може да се постави без потреба од бушење и шрафови, а се што треба е доволно рамна површина.
Ваквиот начин на поставување може да донесе позиции на телевизорот кои досега на биле размислувани од страна на корисниците, како на пример на некој поголем прозор.
Во телевизорот се вградени четири поголеми батерии со кои тој наводно може да функционира до месец дена пред да има потреба од нивно полнење.

Целиот систем на телевизорот е вграден во надворешен уред, кој сепак мора да го има и кој се вклучува во струја и на кого може да се поврзат дополнителни извори за гледање. Со други зборови, ова е телевизор чија внатрешност е издвоена од екранот, кој поради тоа е лесен и безжичен.
Корисниците можат да постават повеќе екрани преку главната единица и да продолжат да гледаат без разлика во која соба се наоѓаат. Телевизорот нема далечински управувач, па контролата се прави преку гестикулации, за што има вградена камера, а исто така може да се контролира преку гласовни команди и апликација која се планира за во иднина.

Поврзувањето на повеќе телевизори од Displace истакнуваат дека може да се направи и на една локација, односно да се спојат два или четири екрани за да се добие многу поголема слика.
Цената на еден Displace TV e доста висока, а посебно кога ќе се земе во предвид дека повеќето карактеристики кои го прават посебен, не се баш тестирани и не е познато дали ќе функционираат како што треба, односно кој е ризикот екранот да падне, колку добро функционира безжичната комуникација и слично. Цената на еден телевизор е 3000 долари, нешто што обично се плаќа за поголемите и најнови OLED телевизори.