feelreal

Кацигите, очилата или како и да ги викаме во иднина направите за виртуелна реалност, овозможуваат искуство кое е многу блиско до реалноста и кое овозможува гледање на работи кои се инаку невозможни, како на пример одење по површината на Марс, или летање во вселената.

Но, што правиме со мирисите? За целосно да се пренесе една реалност, потребни е активирање на сите сетила, а едно од најмоќните кај човекот е токму сетилото за мирис. Feelreal го направи првиот прототип од ваков тип на уред за виртуелна реалност, кој е всушност Bluetooth додаток за веќе популарниот Oculus Rift.

Направата може да продуцира седум различни мириси, како и топол или ладен воздух, зависно од атмосферата во виртуелната реалност. Мирисите кои се вградени во старт се: Океан, Џунгла, Оган, Трева, Пудра, Цвеќе и Метал. Сепак, во иднина се планира проширување на мирисите и можеби еден ден ќе има вакви уреди со целосна палета на мириси кои може да ги почувствуваме во секојдневниот живот.

Од The Verge веќе го пробаа демо уредот и најавуваат дека чувството е чудно, особено поради воздухот кој го продуцира уредот. На видеото подолу можете да го видите и целото демо, со цел барем малку да ви се долови начинот на кој работи Feelreal VR.

Но, дали иднината навистина ќе ни донесе мирис во гледањето филмови или играњето игри? Многу е веројатно. Но, има и една друга страна – лошите мириси, кои често би ги имало во филмовите, можат многу лесно да ги избркаат гледачите во кино салата, или да ја намалат продажбата на ваквите уреди.

Исто така, мозокот често знае и сам да продуцира мириси со оглед на сликата која ја гледа. На пример, доколку погледнеме во цвеќе, автоматски се потсетуваме и на мирисот… Како и да е, виртуелната реалност дефинитивно ја презема сцената на уреди за забава и во наредните неколку години треба да очекуваме константен раст во продажбата и пад на цената.

Извор: Engadget

Претходна статијаПретставени првите Steam машини
Следна статијаApple Watch ќе се продава од Април по цена од 349 до 10.000 долари