„Телепортирај ме, Скоти“ велеа карактерите во разни сцени од StarTrek со притискање на комуникаторот, по што беа телепортирани назад на бродот. Телепортација засега имаме само на микрочипови и единечни кубити, но сме имале и рудиментирана верзија на комуникаторот од StarTrek и тоа создаден од кој друг, ако не Google.
Се работи(ло) за едноставен Bluetooth уред со физичко копче на него. Прашањето се препознава и се препраќа на Google, а одговорот се враќа и прераскажува преку звучникот во уредот. На овој начин инженерите можеле да го прашаат Google што ќе им текне во моментот. „Beam me up, Scotty“ за жал само би ве „пренело“ до Википедија страницата од оваа позната изрека од серијата.
Свој коментар остави и потпретседателот за пребарување, Амит Сингаи, кој вели дека „Отсекогаш го сакав тој беџ. Го прашуваш било што и тоа функционира. Затоа си рековме „Ајде да направиме прототип и да видиме како ќе биде“.
За жал од Google наскоро го напуштиле овој проект и тој ќе остане само како надеж дека еден ден ќе стане реалност, во главите на милионите фанови на StarTrek. Откаде да знаеме, можеби Google веќе работат и на вистински телепортер… Со нив ништо не е чудно.
Google се познати по интересни експерименти. Впрочем, Google Glass, автономните возила и еден куп други проекти се произлезени зошто на некој паметен, но здосаден инженер внатре во компанијата му текнало дека може нешто ново и интересно да се создаде. Истата ситуација очигледно била и со овој комуникатор кој тие го создале да стои закачен на телото исто како тој од StarTrek и на притискање на копчето да можете да поставите прашање. Како и повеќето вакви проекти, не се претворил во формален производ.
Извор: Engadget, Тhe Next Web