o_36388bfeb0723bea-0

Колку пати сте се малтретирале да видите патокази на телефонот кога сте дошле на некое непознато место или барате некое точно локалче? На мапата ги гледате, ги внесовте како патека, но не можете цело време да се ѕверите во телефонот додека возите нели?

HAIKU го решава тој проблем. Се работи за доста едноставен велосипедски асистент кој се поврзува со вашиот телефон и ви покажува насоки додека возите. HAIKU е создаден од компанијата ASPHALT Lab и неговата намена е само тоа – асистент за велосипедисти.

Тој се закачува на гиданот со помош на лента која на едниот крај е магнетска. Секако и на себе има магнет за да може да се смести во позиција. Иако изгледа дека ваквото решение е потенцијална неволја во ситуации на тресење и удирање на велосипедот, сепак магнетот кој се наоѓа на HAIKU ќе ги издржи повеќето незгодни ситуации.

HAIKU е практично екран кој покажува насоки т.е. во кој момент накаде да свртите и тоа преку екранот, но и со дополнителни LE диоди кои трепкаат на двете страни од уредот.

Дополнително, има опција да прикажува со која брзина и просечна брзина се движите, колкаво растојание сте поминале, а исто така прикажува и едноставни известувања од телефонот. На пример, ако некој ви ѕвони или ви пратил порака тоа HAIKU го прикажува на својот едноставен екран, а вие со одмавнување на раката пред него можете да ги тргнете известувањата за подоцна.

Одмавнувањето со раката пред него е и начинот на вртење низ прегледните опции споменати погоре. Кога ќе го извадите HAIKU од велосипедот тој автоматски ги закачува информациите за вашето возење на Интернет (не можевме да дознаеме дали постои опција да не се дозволи ова). Според произведувачот HAIKU може да издржи 12 часа работа, по што може да се наполни со USB кабел.

Ако сакате да си нарачате HAIKU и да го поддржите како производ, упатете се на неговата Kickstarter страница каде можете да го купите за 60 долари (засега).

Извор: TechCrunch, Haiku.Bike, Kickstarter: Haiku

Претходна статијаGoogle Chrome автоматски ќе паузира Flash содржина – Чекор поблиску до крајот на овој додаток
Следна статијаXiaomi ќе претстави лаптоп компјутер идната година?