Само што се прикажаа првите проекции од новиот Star Wars: The Force Awakens, имаме вест за еден нов Kickstarter проект, кој не носи чекор поблизу до холограмите – исти онакви какви користат за комуникација во погоре споменатиот филм.
Holovect Volumetric Display, како што е целото име на оваа технологија, користи специјален, модифициран воздух, кој подобро ја рефлектира светлината и потоа пушта ласерска светлина на него за да направи 3D волуменски објекти кои лебдат во воздухот. Видеото се прикажува со 33 фрејмови во секунда, што е слично на обичните видеа кои се прикажуваат на YouTube денес, што значи дека ќе изгледа прилично реално.
Holovect дисплејот има само една боја во моментов – зелена, бидејќи доколку се направи да ги има сите бои од RGB спектарот, би чинел многу повеќе. Сепак, неговите креатори велат дека тоа е возможно и се планира во иднина. Уредот исто така може да проектира слики и видеа на 10 метри оддалеченост, што е одлично достигнување.
Во внатрешноста на Holovect се наоѓа Intel Edison процесор наменет за IoT уредите, помогнат од 1 GB рам меморија и 4 GB простор за складирање податоци. Во него се вградени Wi-Fi и Bluetooth, со кои тој може да се поврзе со паметен телефон и да се користи дури и за играње игри, специјално дизајнирани за холограм, а преку можноста за директна интеракција со холограмот.
Иако не верувам дека на многумина им треба убедување за да си купат еден ваков уред, неговата намена ќе биде пред се за комерцијални цели – очекувајте да видите вакви холограми во продавниците, како начин за рекламирање на некој производ, или пак дури и на улиците, односно како уред за комуникација. Како во филмот од далечната Галаксија…
Холограмскиот дисплеј ќе биде одличен и за проверка на 3D волуменската слика пред да се испечати во 3D принтер – во моментов корисниците на таквите принтери мораат да пробуваат неколку пати пред да го добијат идеалниот продукт. Тука е особено корисна можноста за интеракција со сликата – корисникот ќе може да го врти тоа што го гледа на холограмот, да го зголемува, намалува итн.
Цената на Holovect Volumetric Display изнесува 700 долари, пари кои нормално треба да се платат на Kickstarter како влог во проектот. Holovect ќе има и понуда на уредот за 580 долари, но во тој случај уредот ќе го добиете расклопен и ќе треба сами да го склопите. Holovect очекува да собере 350.000 долари, за уредот да може да почне да влезе во производство и да го видиме на пазарот.
Извор: TechnoBuffalo, Crave Online, Kickstarter