1-103-970x548-c

Еден специфичен пазар во потрошувачката електроника и софтвер се развива генерално далеку од очите и интересот на генералната јавност, а тој е пазарот на аудио опрема и софтвер. Таму секојдневно се објавуваат интересни новитети кои го надградуваат концептот на создавање музика и настапување во живо. Постојат едно чудо на алатки за секаква обработка на звук, за поправање на грешки, за симулација на живи и измислени инструменти, за создавање на нови звуци и манипулација со снимки, за надворешни контролери…

Кога сме веќе кај последните, ви го претставуваме Instrument 1 – Kickstarter кампања за поддршка на создавањето на MIDI контролер кој ќе може да се користи како дигитална гитара, виолина, клавир и виолончело во исто време!

Концептот на Instrument 1 е интересен. Тој се базира на површина налик вратот на гитарата, каде што постојат површини осетливи на допир. Тој што свири по овој контролер/инструмент ги допира овие површини и тие, во зависност од модусот на работа, испуштаат звук самостојно или во комбинација со други контроли. Површините се осетливи и на силината на допирот, а тоа може да се пренесе во јачина на производениот звук.

Дополнително, инструменталистот ќе може да лизга по површината на овие површини, со што ќе може да свири како на инструмент без прагови и да се движи лесно од една до друга нота па дури и да прави многу ефекти како вибрато, налик свирењето на бас без прагови, виолина или виолончело.

Instrument 1 на едната страна има и копчиња кои би глумеле стандардни жици, па тој може да се свири и како стандардна гитара. Не е јасно само дали ќе можат да се свират акорди и како ќе се отсвири стандардното „дрнкање“ (strumming) на жиците, дали ќе поддржува перце (трзалица) или нешто слично.

Со Instrument 1 ќе можат да се контролираат и сите други инструменти и контроли бидејќи испраќа MIDI команди, а MIDI e стандард кој веќе неколку децении дефинира како музички инструменти комуницираат меѓусебно, и веќе е зрел (иако постојат доста ограничувања кои треба да се решат во иднина).

Ова е навистина интересна надградба на концептот на создавање музика и настапување во живо, и ако се оствари нивната замисла овој инструмент/контролер ќе може да воведе одлична новина во музичкиот свет. Неговите создавачи Artiphon веќе ја надминаа потребната граница од 75 илјади долари и достигнаа неверојатен износ од скоро милион долари! Се` уште имате шанса да го поддржите проектот со минимум 5 долари, па дури и да се стекнете со еден примерок кога ќе биде готов ако донирате барем 349 долари.

Извор: CNet, Kickstarter, Digital Trends

Претходна статијаНова студија укажува на можното доближување до „големото смачкување“
Следна статијаНовиот паметен телефон на Oppo има екран без рамка од страните