Што се случува кога ќе ставиме човек со многу слободно време, неколку ласери и метали околу него? Токму така, ќе создаде ракавица налик таа на Iron Man.
Патрик Прајбе од Германија одлучил дека е далеку подобро за него да прави вистински модели на разни технички справи кои се наоѓаат во неговите омилени филмови. Тој е сопственик на страницата Laser Gadgets која се занимава со геџети на кои им закачува разни ласери со различна јачина. Неговиот најнов геџет е, како што рековме, Iron Man ракавица која на себе има два различни ласера, црвен и син, како и испалувач на „проектил“.
На внатрешната страна од дланката е сместен синиот ласер, кој е далеку посилен (има моќност од 3.000 миливати) и, како што можеме да видиме на видеото, може секундно да уништува балони, да пали дрво, па дури и да пече портокали. Вториот, црвен ласер се наоѓа на горната страна од дланката и е далеку послаб (околу 700 мВ), што е доволно да дупне балон по неколку секунди печење. Демонстрација на ракавицата можете да ја видите на видеото во продолжение.
Како што напоменавме, оваа ракавица има и испалувач на проектил – кој е мало парче метал кој тој го издупчил за да изгледа интересно. Проектилот не е баш најсилниот на светот и тешко дека ќе може да предизвика некаква голема штета, освен можеби изгребана боја на парче мебел. Сепак, веруваме дека Патрик е способен да вметне далеку посилен лансирач на проектили кои би можеле барем да предизвикаат непријатност кај некое глувче или мачка. Ракавицата дополнително има и звучни ефекти, што го надополнува целото Iron Man чувство.
Можете да ја посетите неговата Интернет страница која има повеќе различни ласерски геџети, кои му станале главен извор на приход откога добил отказ од работа (а не кажува зошто – можеби ги „печел“ колегите со разните ласерски уреди кои ги има направено).