06a22e5eb332f29902ca2329e23026cd_large

Можеби порано рекреативното трчање беше едноставна активност, ја облекувавте вашата облека за вежбање, удобни патики и одевте на кејот од Вардар или некое друго место во вашата населба. Меѓутоа во ова време на паметни уреди и оваа активност може да биде нешто повеќе. Сигурно голем број од вас веќе ги користат барем апликациите на мобилните телефони кои што нудат мерење на брзината на движење, изминатата далечина, потрошените калории и слично. Сепак доколку сакате да добиете повеќе и поточни информации од тие кои што ги добивате од вашиот мобилен телефон, достапни се специјално направени уреди за таа намена. Денес ќе ви го претставиме runScribe, мал уред со вградени сензори кој што се поставува на задниот дел од вашата патика и може да ви даде информации за до 13 различни работи при вашето трчање.

runScribe користи 9-оскин сензор кој што ги собира информациите за време на вежбањето и ги испраќа на соодветната апликација на вашиот мобилен телефон преку Bluetooth конекција, која што е достапна за Android и iOS уредите. Овие информации потоа се синхронизираат со серверите на сервисот, по што можете да пристапите до нив. Сепак за да можете да ги добиете сите 13 информации кои што може да ги измери уредот, потребно е да се претплатите на runScribe Pro.

9be75d432601bd2d570950cc4d328eb2_large

Информациите кои што може да ги измери runScirbe ги вклучува број на чекори, оддалеченост, брзина на движење, темпо, должина на чекорот, време на контакт на стапалото на површината, тип на допир на стапалото, јачина на допир на стапалото при трчање и при запирање, наклон на стапалото и слични информации.

Развивачите на овој уред, неговата корист ја гледаат во тоа што со анализирањето на добиените мерки, односно информации, ќе можете да го подобрите вашето трчање, а со тоа и резултатите кои што сакате да ги постигнете. Исто така со анализата на информациите, ќе може да ги намалите шансите за повреда, нешто што е често кај активните спортисти.

Исто така, развивачите планираат да изградат дата база составена од собраните информации од корисниците на runScribe која што ќе се користи за откривање на причините за повреди на спортистите, како и тие што трчаат рекреативно.

runScribe работи на мала батерија која што овозможува користење на повеќе од 30 часа, по што треба да се замени. Вклучува и внатрешна меморија на која што се зачувани информациите од мерењата до нивното синхронизирање со апликацијата на мобилниот телефон. Тежината на уредот изнесува 15 грама, а може да се закачи на вашата патика на два начина, односно со штипка или со лепење на задниот дел со силикон.

6e628c834a8b1828c3c162959cc7cab6_large

Уредот моментално е во фаза на прибирање на средства преку Kickstarter и има собрано скоро 100.000 долари од потребните 50.000 на 25 дена до истекот на рокот. Може да се нарача по цена од 100 долари, па нагоре, зависно од типот на претплата, како и периодот на нарачка.

Извор: Kickstarter, Engadget

Претходна статијаChina Telecom го прикажа новиот iPhone 6 на Weibo
Следна статијаLG ќе претстави нов паметен часовник со кружна форма
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.