Компанијата која стои зад познатите спортски часовници Amazfit, Huami, најави дека развива маска со филтри која е проѕирна и може самата да се дезинфицира. Ваков производ сигурно би бил популарен во време кога се препорачува носење на маски на јавни места, а посебно во затворени простории.
Проблемот со „обичните“ маски, како и маските со филтер е што тие го покриваат лицето, се носат само еднаш, односно неколку часа, а исто така го отежнуваат дишењето во топли услови.
Маската Aeri од Huami е дел од проектот на компанијата наречен „Project uSmile :)“ и има неколку карактеристики кои ќе ја направат популарна и барана од страна на корисниците.
Оваа маска како прво е проѕирна со што се овозможува да се гледа лицето на тој што ја носи. Со тоа неговите соговорници ќе можат да видат каков израз има на лицето, а тука е и предноста на отклучување на телефоните кои имаат систем за скенирање на лицето.
Покрај тоа, маската доаѓа со филтри кои би требало да не дозволат корисникот да вдише мали честички кои содржат вирус, а за разлика од другите маски, Aeri ќе има вградено ултравиолетово светло кое ќе ја дезинфицира маската. Ова светло се вклучува кога корисникот ќе ја извади маската и ќе ја приклучи преку достапниот кабел.
Поради оваа можност, маската ќе може да се носи месец и половина пред да треба да и бидат променети филтрите.

Huami Aeri покрај се ова ќе има можност и за додавање на други функции. Па така, на маската ќе може да се додаде и визир кој ќе ги штити и очите на корисникот, а можно е додавање дури и на вентилаторче кое ќе го зголеми протокот на воздух во топли услови.
Сепак, според информациите, оваа маска тешко дека наскоро би била пуштена во продажба, а истото може да се случи дури и идната година кога надежите се дека ќе има веќе вакцина и носењето на маски веќе нема да биде потребно.