Еден од најпознатите производители на телевизори, кои стојат и зад развојот на панелите кои ги користат, LG, сега сакаат да го однесат телевизорот надвор од дневната соба, како што истакнуваат од компанијата.
За да ја постигнат оваа цел тие претставија преносен телевизор кој е сместен и заштитен во актовка. Екранот е со големина од 27 инчи, а батеријата за жал може да издржи до три часа користење. Би очекувале дека во актовката би можело да собере поголема батерија.
Екранот е поврзан со актовката, односно не може да биде изваден, но затоа може да биде поставен во повеќе позиции, да се врти хоризонтално и вертикално, да се наклонува, па дури и целосно да биде легнат за да се играат игри, како на пример шах.
Замислата зад StandbyME Go е да корисниците имаат пристап до телевизор кога не се дома, односно при кампување, како еден пример. Со оглед на тоа што телевизорот работи на истиот оперативен систем со стандардните LG телевизори, односно WebOS, на него се достапни сите апликации за гледање на содржина.

Технологијата на 27 инчниот екран е LED и е на допир, потребно за играњето на игри. Дополнително во актовката е вграден и 20W звучник, па звукот би требало да биде доволно добар.
Интересно, телевизорот доаѓа со поддршка за Dolby Vision, како и Dolby Atmos технологијата која треба да помогне да звукот од едниот звучник добие мал „surround“ ефект.
LG StandbyME Go има и цена, па во САД ќе се продава за 1000 долари, што не е баш малку за ваков телевизор, но сепак од компанијата сметаат дека преносливоста вреди да се плати повеќе.