Дроновите заземаат се поголемо и поголемо место кај професионалците кои работат со видеа, но дури и кај аматерите. Сепак, засега се прилично скапо парче опрема и бараат добри вештини за нивно управување, што ги прави непогодни за широките маси. Нов производител во сферата на дроновите ветува дека нивниот уред ќе може автоматски да го снима корисникот, а бидејќи се работи за своевиден летачки робот, изгледа како познатиот робот Wall-E од истоимениот анимиран филм.
Lily е првиот дрон во светот кој ќе лета целосно автоматски и ќе ве следи каде и да одите, односно не бара никакво управување од земјата. Вака, ќе можете самите да се снимате од птичја перспектива, нешто како птичјо селфи, додека спортувате, летате со параглајдер или пак возите автомобил. Исто како GoPro, но со многу повеќе можности. Всушност, можностите на Lily за спортистите се апсолутно неограничени!
Lily има три вградени камери и едната е наменета за снимање и тоа со Full HD резолуција при 60 фрејмови во секунда, втората за следење на корисникот, а третата ќе го снима теренот и ќе се погрижи за стабилизацијата. Корисникот ќе треба да има и мал Wi-Fi уред за следење, кој може да го чува во џебот, а по кој ќе се ориентира камерата доколку е некаде подалеку. Нормално, вградени се и сензори за GPS лоцирање, кој служи за Lily да не ве збуни со некој друг човек (на пример близнак), како и акцелерометар, жироскоп и барометар, а со цел супер прецизно позиционирање.
Уредот има четири хеликоптерчиња и батерија која трае 20 минути со едно полнење, што не е малку со оглед на компактните димензии, но за некои може да биде ограничувачко. Исто така, и покрај сите сензори, Lily засега не е употреблива во урбани подрачја, бидејќи ќе има проблем со избегнувањето на зградите, иако има систем во кој може да ги внесете препреките однапред, но тоа бара многу време. Затоа, производителот препорачува отворен простор.
Lily може да се стартува преку апликаците за паметните телефони, односно треба да му се даде само команда да полета. Откако ќе го направи тоа, му требаат уште 30-60 секунди да ве лоцира и да го запомни вашиот изглед, пред да може да почнете да се движите.
Цената на Lily во моментов е околу 500 долари за преднарачка, но истата се очекува да порасне кога уредот ќе почне да се произведува и тоа на околу 1000 долари, што веројатно и не е многу за можностите кои ги нуди.
Извор: Forbes, Tom’s Guide