Според извори од The Information, кои наводно се запознаени со плановите, Meta повторно ги заживува плановите за претставување на паметен часовник.
Претставувањето на ваквиот уред од компанијата која стои зад Facebook, како и повеќе видови на паметни очила, се планира за оваа година, што значи наскоро би дознале дали информациите се точни.
Очекувано, две главни функции би биле дел од паметниот часовник од Meta, а тие се фитнес следењето, секако, како и функции со вештачка интелигенција преку Meta AI.
Иако популарноста на паметните часовници никогаш не се намали, изгледа во периодот што следи може да се очекува влез на повеќе компании поради достапните функции со вештачка интелигенција.
Часовниците овозможуваат подиректна интеракција со ВИ, без потреба од вадење на телефонот, а можат да бидат одлична замена за неуспешните проекти како уредите кои се закачуваат на облеката од корисникот.











































