Во светот на акционите камери GoPro е апсолутно неприкосновен – многу луѓе дури и не знаат дека постојат други вакви камери. Сепак, Mokacam ќе се обиде да го измени тоа – има мали димензии, можност за снимање Ultra HD видео, пониска цена во однос на главниот конкурент и уште неколку други интересни адути.
Најголем адут, според производителот барем, се малите димензии – тие велат дека ова е најмалата Ultra HD камера во светот (GoPro Session е помала, но не снима Ultra HD видео). Сепак, според мене има многу други карактеристики кои ја прават оваа камера многу поинтересна.
На пример, батеријата се прикачува преку магнет и може да се промени додека снимате со камерата, без да се прекине снимањето (внатре има уште една мала батерија), што значи дека во теорија би можеле да снимате без престан. Се додека не се наполни мемориската картичка, секако. Исто така, на магнетот позади може да се прикачи дисплеј кој може да се ротира, кој исто така има своја батерија, што значи дека нема да ја троши онаа од камерата.
Во камерата е инаку вграден сензор од Sony со 16 мегапиксели, кој може да снима во максимална резолуција од 3840х2160 пиксели со 25 слики во секунда, поточно 4K Ultra HD. Леќата има прилично широк агол од 152 степени и софтвер кој може да ја исправи дисторзијата која ја прави толку широката леќа. Mokacam велат дека вградениот микрофон е прилично квалитетен и може да сними звук во висока дефиниција.
Mokacam има и вградена софтверска стабилизација и сензор за движење, кои заедно во колаборација треба да создадат прилично стабилно видео. Со камерата ќе се нуди и подводна футрола, со која ќе може да се снима до 60 метри длабочина – 20 метри повеќе од GoPro Hero4 Black.
Сето ова Mokacam го нуди по исклучително ниска цена од 199 долари, што споредено со 499 долари колку што чини Hero4 Black се чини како кражба. Mokacam инаку веќе успеа на Indiegogo кампањата, што значи дека наскоро треба да пристигне и до купувачите.