Во август минатата година одличниот Марк Гурман најави дека наредната верзија од Apple Watch ќе добие одреден редизајн, со оглед на тоа што се работи за јубилејна десетта верзија.
Нешто подоцна тој најави и нови функции покрај освежениот изглед, а тие би требало да вклучуваат нов сензор за мерење на крвниот притисок, како и дополнителна мерка при спиењето со мерењето на апнеја.
Сега за првпат излегуваат и неофицијални слики од новата верзија од часовникот која можно е да биде наречена Apple Watch X, исто како и десеттата верзија од iPhone.
Од тоа што може да се види, Apple Watch ќе ги преземе дел од новиот дизајн стил на Apple Watch Ultra, што е одлично решение, а сето тоа во помала форма.
Намалување се очекува како на дебелината на целиот часовник, така и на рамките околу екранот кои сега би требало да бидат скоро незабележливи.
Можно е и додавање на уште едно копче кое засега е достапно само на Watch Ultra, а кое корисниците можат да го наместат да прави одредени работи по нивни избор, како на пример започнување на одредена вежба.
Покрај промената на изгледот, за Apple Watch X се очекува да добие и нов систем за ремчиња кој треба да овозможи поголем простор да остане за внатрешните компоненти на часовникот. Овој нов систем наводно ќе функционира на основа на магнети, па ремчињата само би се поставувале низ двете страни, наместо да се внесуваат во самиот уред.
Видеото во продолжение ги презентира сите досега достапни информации поврзани со изгледот и новите функции.