По претставувањето на првите патики инспирирани од познатиот филм, „Враќање во иднината“, кои исто како во филмот имаат систем за автоматско врзување, Nike продолжува со развојот и ја претставува втората генерација од овие патики.
Втората генерација од патиките е специјално наменета за кошаркарите, па соодветно го носи името Adapt BB, каде BB стои како кратенка за Basketball.
Adapt BB, како втора генерација од овие патики, доаѓа со неколку подобрувања во системот кои ги ставаат овие патики во категоријата на паметни уреди.
Тие овојпат не доаѓаат само со можноста автоматски да се врзат, па овозможуваат автоматско прилагодување на ногата на корисникот, кој исто така може да намести повеќе нивоа на стагнатост на патиката.
Стегањето и олабавувањето на патиката може да се направи преку двете копчиња кои се наоѓаат на самата патика, но главните можности доаѓаат од поврзувањето на истата преку Bluetooth со мобилната апликација.
Она што ја прави оваа патика навистина паметна и корисна, во овој случај за кошаркарите, е можноста за автоматско олабавување за време на играта. Nike Adapt BB може да го оцени притисокот на играчот, којшто се зголемува за време на играта и соодветно да ја прилагоди стагнатоста на „врвките“.
Патиките ќе бидат прилично скапи, со оглед на технологијата во нив, но и намената за професионалните кошаркари. Ќе се продава по цена од 350 долари и не верувам дека ќе можеме да ја видиме во нашата земја.
Сепак, технологијата во патиката сигурно ќе продолжи да се развива, па некоја верзија во иднина од некоја ваква патика, сигурно ќе можеме да купиме.
Во продолжение можете да го погледнете видеото од The Verge кои разговаат директно со Nike за развојот на оваа патика.