olympus-air-a01-hero

Досега веќе имаше неколку различни обиди, првенствено од Sony, да се направи надворешна камера за паметните телефони, која ќе донесе висок квалитет на фотографиите, како кај професионалните апарати. Olympus играта ја подигнува на повисоко ниво, со новиот AIR A01 модул, кој не само што има ултра голем 4/3 сензор, туку има и можност за промена на објективите.

Сензорот со 16 мегапиксели е истиот кој се користи во професионалните апарати на Olympus (OMD EM-1), што значи дека ќе го добиете истиот квалитет на фотографија каков што добиваат професионалните фотографи кои сликаат со таа опрема. Само со таа разлика што оваа надградба ќе ја користите на вашиот паметен телефон и фотографиите ќе можете да ги споделите веднаш на социјалните медиуми.

olympus-air-a01-11

Модулот има и вграден TruePic VII процесор за обработка на фотографиите, кој во светот на фотоапаратите, важи за најдобар кога е во прашање JPEG компресијата. За оние што сакаат повеќе од своите фотографии, секако достапен е и RAW формат на сликање. Модулот секако и има и брз автофокусен систем, повторно, истиот како кај професионалните апарати на Olympus, како и можност за сликање 10 фотографии во секунда со полна резолуција.

Големата предност на модулот AIR A01 е што го поддржува Micro 4/3 стандардот, за кој се достапни неколку десетици различни објективи од Olympus, Panasonic, Sigma, Voigtlander итн. и има избор апсолутно за секого, независно од тоа дали сакате да сликате макро, широк агол, портрети, улична фотографија…

olympus-air-a01-05

Модулот ќе може да се поврзе со секој паметен телефон преку Wi-Fi, а за да се користи, ќе мора да ја имате инсталирано специјалната апликација на Olympus.

Цената на AIR A01 изнесува 425 долари со основниот објектив 14-42 mm f3.5-5.6, а може да порасне и до неколку илјади доколку посегнете по подобри објективи.

За истите пари, може да се купи и цел фотоапарат на Olympus со истиот сензор и истиот објектив и според тоа, овој модул би го препорачале само на оние кои мораат да имаат супер квалитетни фотографии секогаш спремни за објавување на социјалните мрежи. За останатите заинтересирани за квалитетна фотографија, најдобра опција е секогаш посебен фотоапарат.

Извор: Ubergizmo

Претходна статијаLeanChair – Kickstarter проект за многу поздраво работење на биро
Следна статијаLockheed и NSA работат на биометриска автентикација преку движењата врз екранот