Електронските паметни тетоважи не се ништо ново. Всушност, многу инженери од сферата на технологијата гледаат токму во нив како иднината на паметната технологија – на пример дисплеј кој секогаш ќе го носите на вашата кожа. Овие тетоважи за кои ќе пишуваме денес не се толку напредни, но тоа не ги прави помалку интересни.
Се работи за збир на јаглеродни електроди во леплив најлон со полимерен слој од нано технологија, развиени од научници на Универзитетот во Тел Авив. Идејата зад оваа тетоважа е да може да ги препознае движењата на лицето кај корисникот и пред се да биде лесна за користење. Поточно, според нејзините создатели, оваа тетоважа нема да им пречи на корисниците дури и по неколкучасовно користење.
Но, кои се нејзините апликации? Благодарение на тоа што може да ги фати и најмалите движења на мускулите на лицето, оваа тетоважа може да ги препознае емоциите на оној кој ќе ја носи. Ова сепак е само забавната страна – оваа тетоважа може да се користи и во многу поважни цели, како на пример лечење на пациенти кои имаат ограничена контрола на мускулите на лицето.
Ова најчесто се случува кај пациенти после срцев или мозочен удар и враќањето во нормала бара многу долг период на тренирање на мускулите на лицето. Со оваа тетоважа, која наскоро ќе почне да се користи во Болницата за Неуродегенеративни Болести во Тел Авив, враќањето на целосните фацијални експресии кај пациентите значително ќе се забрза. Покрај тоа, тетоважата може да се користи и кај возачите на автомобили за да се оцени нивната спремност за реакција, односно нивната концентрација.
Извор: Tech Radar, NDTV, Daily Mail