Ако не сте ја истренирале мачката како што треба, таа веројатно ќе прави „`ршум“ по дома додека сте на работа. Ќе се пика во ќеси, ќе отвора фиоки, ќе растура храна и едноставно ќе се однесува како да е кинеска кралица. Често мачките го прават ова бидејќи се гладни, а не биле навремено истренирани да не ја растураат храната и да ја наоѓаат на истото место.
Решение? „Пукајте“ ги со храна, и тоа од работа. Барем за слична намена служи Petzi Treat Cam, уред кој се поврзува со вашиот телефон и кој ви овозможува да ги набљудувате домашните миленичиња преку 720p камера во живо. Покрај тоа што можете да ги набљудувате, можете и да комуницирате со нив преку зборување (што звучи како глас од расипано радио), па така да ги повикате да дојдат до Treat Cam.
Кога ќе дојдат, се знае – притискате копче со изглед на коска на апликацијата, и Treat Cam испукува храна кон миленичињата. Сте го решиле и тој проблем од работа, без разлика што колегите ќе ве гледаат збунето кога ќе почнете да разговарате со телефонот за да го повикате мачките што ви шетаат по дома.
Дали овој уред е навистина применлив се` уште не се знае, а неговата цена од 170 долари веројатно може да ви обезбеди да изградите цел домашен забавен парк за миленичињата. Сепак, интересна идеја која има еден недостаток – видеото кое се прикажува не може да се снима.
Извор: Engadget, Digital Trends