За повеќето корисници, квалитетот на музиката кој излегува од паметните телефони е задоволителен, но за вистинско аудио доживување сепак треба да потрошите повеќе пари на некој уред кој има исклучиво таква намена.
Новиот аудио плеер на Pioneer е токму таков уред, кој покрај аудио можностите, има и Android оперативен систем, но нема можност за телефонирање.
Што е и очекувано – многу антени само би правеле повеќе дигитален шум во музиката која ќе ја слушате, а овој плеер има и специјален засилувач во внатрешноста со посебен процесор, кој кога слушате музика работи засебно од стандардниот процесор.
Како и секој сериозен аудиофилски уред и овој може да продуцира музика од некомпресираните High Definition FLAC, MQA, ALAC и DSD Audio датотеки, што значи дека ќе уживате во музиката онака како што ја замислил музичарот.
Pioneer XDP-100R ќе има и два слота за micro SD картички со максимален капацитет од 128 GB по слот, а има и 32 GB вградена меморија. Ова можеби се чини како непотребно, но за оние што не знаат, музичките датотеки кои не се компресирани, заземаат десетина пати повеќе простор од една стандардна MP3 датотека.
Pioneer не прецизира колкава батерија има уредот, но ветува дека може да се слуша HD музика до 10 часа непрекинато. Помалку важно за ваков уред, екранот има дијагонала од 4,7 инчи и HD резолуција од 1280х720 пиксели.
Цената на аудиофилскиот паметен уред на Pioneer е 700 евра, што се чини како многу споредено со некои паметни телефони, но да потсетиме, намената на овој уред не е да го замени вашиот телефон, туку да ви го понуди највисокото можно аудио доживување во еден преносен уред.
Споредено со конкурентите, како Walkman ZX2 на Sony, кој чини 1120 долари, цената почнува да изгледа и како прилично достапна. Со таа разлика што со уредот на Pioneer најверојатно не доаѓаат вградени слушалки (нема информација за нив), а за да го слушнете како што треба, ќе треба да одвоите уште 150-200 долари за еден добар пар.