Паметните часовници можеби не успеаја кај пошироката публика, но тие се дел од скоро секој малку посериозен фитнес зависник. Затоа, производителите нивните паметни часовници се повеќе ги насочуваат токму кон таа публика, а последен во линијата е Huawei, кој на MWC ќе го претстави Watch 2, часовник што ќе биде многу поспортски од претходникот.
Ова е евидентно уште во дизајнот на самиот часовник кој е „подебел“ и изгледа издржливо, како и во гумените ремчиња, за разлика од претходникот, кој имаше минималистички дизајн со кожни или метални ремчиња. Да, можеби претходникот е поубав модел, но тој не изгледа како часовник кој би го носеле со себе на трчање, играње фудбал и кошарка или пак некој екстремен спорт.
Како што може да се види од фотографијата, Watch 2 ќе биде достапен во три бои – црна, портокалова и црно-жолта испрскана со бели точки. Новиот модел ќе биде опремен и со SIM картичка, што значи дека ќе може да работи одделен од смартфон – повторно, многу важно за фитнес ентузијастите. Исто така, новиот модел ќе има цела плејада на сензори, вклучувајќи и GPS кој ќе може да ја мери поминатата дистанца, како и NFC чип кој ќе овозможи бесконтактно плаќање.
Huawei Watch 2 ќе биде еден од првите часовници со Android Wear 2.0, после двата модели на LG кои беа лансирани неодамна во соработка со Google. Повеќе детали за него ќе дознаеме на MWC во Барселона, кога ќе биде лансиран заедно со новите P10 и P10 Plus смартфони.
Извор: Venture Beat, Android Police, Droid Life