Еден од главните проблеми со уредите за гледање виртуелна реалност во моментов е што вашето тело губи рамнотежа, односно она што го гледате на дисплејот не е исто со поставеноста на вашето тело.
На пример, доколку се лулате на лулашка во виртуелна реалност, а стоите во реалноста, лесно може да паднете… Samsung има решение за ова – нови Entrim 4D слушалки, кои преку специјални електроди, ќе направат да го почувствувате она што го гледате во виртуелната реалност.
Слушалките не ја прават магијата преку звук, туку напротив, преку посебно дизајнирани електроди, кои преку електрични импулси кои ги праќаат на внатрешното уво, можат да „управуваат“ со вашите системи за рамнотежа, движење и ориентација во просторот, како и чувството за гравитација, односно вертикална ориентација и линеарно движење. Од Samsung велат дека технологијата е веќе испитана на луѓе и е целосно безбедна.
Сите овие системи заедно, според Samsung се доволни Вашето тело да ги почувствува движењата кои се случуваат во виртуелната реалност и не само тоа – ќе можете да почувствувате и различни брзини на движење, односно во која насока се движите.
Ова може да е од голема помош во тоа корисниците да не губат рамнотежа, но и за зголемување на виртуелното искуство – Стив Јунг од Samsung вели дека виртуелната реалност не треба да се искуси само со очите, туку со целото тело и тоа е апсолутно точно.
Мислам дека остана само уште да може да ги почувствуваме допирот и мирисот од виртуелната реалност и да заборавиме на вистинската реалност – нешто на кое веќе работат истражувачите и сигурно ќе го добиеме во иднина. Не, сериозно, делува застрашувачки кога ќе се размисли подобро, но веројатно нема „спас“ од оваа технологија.
Entrim 4D слушалките ќе функционираат заедно со Samsung Gear VR очилата за виртуелна реалност, кои за дисплеј можат да користат уреди од Galaxy S, Note и Edge сериите. Благодарение на овие слушалки, уредот на Samsung дефинитивно ќе може да се натпреварува со реално понапредните конкуренти, кои имаат многу подобри системи за управување со игрите – Oculus Rift и HTC Vive, но кои се и многу поскапи.
Извор: TechnoBuffalo, The Verge, CNET