Веројатно доста од вас се запознаени за циклусите на спиење и како тие влијаат врз квалитетот на сонот. На пример, ако немаме доволно БДО (брзо движење на очите; rapid eye movement; REM) фази и фази на длабок сон во текот на ноќта, ќе се чувствуваме изморени и покрај тоа што сме поминале 8 или повеќе часа во спиење. Секако, секој од нас знае дека минимум 7 часа во просек се потребни за да функционираме како што треба и дека стануваме прилично неефикасни кога не сме наспани (иако мислиме дека не сме).
За жал, не секогаш можеме да знаеме каков ни бил квалитетот на сонот, поради што бил таков и како да го подобриме. На помош доаѓаат Samsung со нивниот најнов уред – SleepSense. Се работи за уред во вид на диск кој се става под душекот. Тој во текот на ноќта ви ги следи движењата и според тоа утврдува во која фаза се наоѓате и како спиете.
Овие информации ги пренесува до апликацијата која ви прикажува оценка изградена од неколку интересни информации, кои вклучуваат колку пати сте се разбудиле, колку време сте поминале во БДО фази и во фази на длабок сон, целосно време на спиење, просечниот квалитет на сонот во вашата возрасна група и така натаму.
Тоа што е навистина интересно околу SleepSense е советите кои ги дава. Имено, базирано на вашите информации и информациите околу вашето спиење, SleepSense во соработка со експерт за спиење (Кристос Манцорос) ќе ви нуди совети за подобро спиење, јадење, вежбање и живеење кои ќе ви го подобрат сонот и квалитетот на животот генерално.
SleepSense може да се поврзе и со паметните домашни уреди од Samsung и автоматски да ги нагодува во однос на ситуацијата – на пример да го исклучи/вклучи клима уредот по потреба за да постигне совршена температура за спиење или да го намали светлото.
SleepSense има потенцијал да ви помогне значително во подобрување на квалитетот на сонот, а со тоа и на живеењето и функционирањето. Засега е на пазарот во Кореа, но се очекуа наскоро да се прошири во Европа, САД и други големи пазари.
Извор: Еngadget, Samsung Tomorrow