Micro SD картичките се аут, безжичниот стик на SanDisk е ин! Да, можеби звучам како евтин рекламен слоган, но стикот на SanDisk може да се покаже како навистина употреблив на сите на кои им недостасува простор во телефонот, или пак доколку сакате приватен простор каде ќе можете заштитено да ги складирате податоците.
И да, веднаш ќе помислите на Cloud решенијата како Dropbox, OneDrive и Google Drive и како тие може да се користат како простор за складирање на податоците, но стикот на SanDisk работи без интернет, што значи дека е корисен буквално секаде! Се додека го носите со себе, секако – работи со Wi-Fi конекција, што значи дека за да го фатите сигналот, ќе треба да бидете на неколку метри од него.
SanDisk Connect Wireless Stick е особено добар за уредите кои немаат слот за micro SD картичка, а нив, особено во повисоките класи, ги има дури и премногу. Сега, корисниците на такви телефони, како на пример најпопуларните Samsung Galaxy S6 и iPhone 6s, ќе можат податоците да ги зачуваат безжично на ова стикче и да ослободат од драгоцениот простор за складирање во самиот телефон. А најдобро од се – стикот на SanDisk може да работи со три уреди истовремено, што значи дека нема да мора ни да ги изоставите вашиот таблет и лаптоп. Браво!
Уредот ќе биде достапен со капацитети од 16, 32, 64 и 128 GB, а има вградена батерија која може да издржи до 4,5 часа користење со едно полнење, што се чини како малку, но помислете колку често ќе ги префрлате податоците од телефонот кон стикот и ќе ви стане јасно дека батеријата е и повеќе од доволна. Стикот инаку се полни со приклучување преку USB на компјутер, а работи со паметни телефони и таблети со iOS и Android.
Цената на SanDisk Connect Wireless Stick изнесува од 30 до 100 долари во САД, зависно кој капацитет ќе го изберете, што не е многу повеќе отколку што треба да се плати за обичен USB диск со ист достапен простор.
Извор: Techno Buffalo, SanDisk