Тој што вози велосипед постојано е во страв да не му биде украден, особено ако е од поновите и поубавите (а со тоа и поскапите). Велосипедот е феноменално средство за превоз кое заштедува пари (за бензин или јавен превоз), го намалува загадувањето на воздухот, ја поминува гужвата кога сите се стискаат во лименките на патиштата низ градот, помага да се одржи физичката форма и го вежба срцето… За жал, во Скопје ако оставите велосипед на позатскриено место може да го снема за петнаесеттина минути.
Затоа компанијата Boréal започна Indiegogo кампања која има намера да создаде паметна рачка за велосипед. Оваа рачка во себе има вграден GPS приемник со кој можете да го следите велосипедот каде се наоѓа на мапата. Таа се вградува во една од стандардните рачки на велосипедот и ја држите со раката.
Дополнително, истата се синхронизира со Bluetooth со телефонот и со вибрации ви пренесува каде треба да свртите за да возите по одредена рута која сте ја зацртале во апликацијата на вашиот мобилен телефон. Исто така, таа овозможува вибрација на рачките на некоја група во случај ако некој се оддалечил од групата (како на пр. мало дете). Рачките и самите можат да вртат на 911 (192?) ако некој се обидува да ги извади или оштети. Една ваква рачка комбинирана со велосипед кој го чисти воздухот додека возите би била идеална комбинација за секојдневен транспорт низ градот.
Управителот на Boréal, Луис Хуард, се надева дека информациите од рачките ќе може да ги искористи да собира информации за патеките на возење од корисниците, и со тоа да се помогне подоброто оформување на предлог-патеки по кои идните корисници би можеле да возат. Тоа што smrtGRiPS ја прави уште толку подобра е што цената за да добиете една ваква рачка и да ја поддржите кампањата е само 60 долари! Затоа трк на страницата и нарачајте си една паметна рачка која ќе ве спаси од многу главоболки на украден или изгубен велосипед.